Заверка, легализација и апостил


Дополнителни објаснувања за документите издадени во Република Македонија а кои сакате да ги употребите во Кралството Холандија

 

Сите документи издадени во странство, а и во Република Македонија, а кои сакате да ги употребите во Кралството Холандија треба да бидат преведени на холандски јазик. Се случува документи да се преведат во Република Македонија и тоа обично на англиски или друг западен јазик. Во најголем број случаеви холандските власти таквите преводи не ги прифаќаат и бараат истите повторно да се преведат и тоа од страна на некој овластен судски преведувач во Холандија.

 

Овластените судски преведувачи во Кралството Холандија [beëdigde vertaler] се професионални преведувачи регистрирани кај окружниот суд надлежен за местото во кое живеат. Во Република Македонија овластените преведувачи се нарекуваат „постојани судски преведувачи„. Условите предвидени со закон за регистрирање на судски преведувачи во Кралството Холандија се строги.

 

Заинтересираните кандидати поднесуваат барање за регистрација во националниот регистар на овлстени толкувачи и преведувачи и ако ги исполнуваат условите (на пример соодветно ниво на образование, посебен испит за утврдување на степенот на познавањето на холандскиот јазик и на јазикот на кој или од кој се преведува) кандидатот може да се регистрира во националниот регистар и потоа дава заклетва кај надлежниот суд дека преводите кои ќе му бидат поверени ќе ги изработи грижливо и дека истите ќе бидат верен и точен приказ на содржината на изворниот документ.

 

По давањето на заклетвата преведувачот има право да нарача службен печат снабден со грбот на Кралството Холандија, името и презимето на преведувачот и називот: судски преведувач [beëdigd vertaler]. Со тој печат овластениот преведувач го заверува својот судски превод [beëdigde vertaling]. Освен печат судскиот превод е снабден со изјава на преведувачот како и со неговиот потпис.

 

Внесувањето на било какви промени или исправки во судскиот превод е строго забрането. Секоја промена преводот го прави неважечки.

 

Истите услови важат и за преводите кои се работат од холандски јазик и кои се наменети за користење во Република Македонија. Такви документи треба исто така да бидат преведени од страна на овластен преведувач.

 

Легализација и апостил (Apostille)
 
Речиси сите документи кои што порано некој сакаше да ги поднесе кај службените органи на една странска земја требаше да бидат „легализирани„.
Легализација значи заверка на изворноста или автентичноста на потписот, својството на лицето кое го потпишува документот и содржината на печатот или жигот со кои е снабден документот или јавната исправа. Таквата заверка (легализација) порано ја вршеа одговорните органи на власта, почнувајќи од општинскиот суд па сè до Министерството за надворешни работи на земјата во која се издаваше документот, а во посебни случаеви и амбасадата на земјата за која документот беше наменет.

 

Со цел  да се поедностави таквата долга и сложена постапка составена е Конвенцијата за укинување на потребата од легализација на странските јавни исправи.

 

Бидејќи и Кралството Холандија и Република Македонија се потписнички на оваа меѓународна спогодба, сите документите издадени од органите на власта на едната земја доволно е да бидат заверени со апостил за да бидат признаени во другата земја или во една од земјите потписнички на Конвенцијата.

 

Тука можете да го најдете списокот на органите кои издаваат апостил во соодветните земји.

 

Судските преводи можат исто така да бидат снабдени со апостил. Во Холандија апостил се добива кај писарницата (griffie) на Окружниот суд каде е регистриран судскиот преведувач. Тука можете да ја најдете картата на Кралството Холандија на која се прикажани судските окрузи и соодветните судови.